Го одбележуваме светскиот ден на книгата – Интервју со Елена Трајчевска Павловска, дел од тимот на СН Осигурителен брокер

„Читањето е разговор. Сите книги зборуваат. Но, добрата книга знае и да слуша!“ – Марк Хадон.

Разговараме со нашата колешка Елена Трајчевска Павловска. Елена е администратор во продажба – техничка и логистичка поддршка на продажната мрежа на полиси за осигурување. Таа е дел од нашето големо семејство „СН Осигурителен брокер“ веќе четири години. Нашиот повод за разговор: „Денот на книгата“.

Надвор од нашите канцелари и деловниот изглед, на кафе пауза, со Елена како страсен љубител на книгите, разменивме неколку мислења. Мислења околу омилените жанрови, околу нивната моќ, перцепиентот како читател и авторот како создател на грандиозноста на пишаниот збор.   

Уживам и се опуштам со добар трилер во рака. – вели Елена за омилениот жанр – Сакам мистерија која ќе ме држи во неизвесност до сам крај. Ги обожувам психолошките драми, но никако не може да ми го задржи вниманието научна фантастика, иако сум си дозволила неколку шанси.

Светски ден на книгата

Во име на Светскиот ден на книгата, која е твојата омилена книга што го предизвикала токму тој ролеркостер од емоции?

ЕЛЕНА: Дефинитивно морам да издвојам две. „Верити“ од Колин Хувер и „Девојката пред мене“ од Џ.П. Дилејни. Причината е затоа што се книги чиј крај не можев да го претпоставам до последна страница, што не ми се случува често. Но, има и една друга причина. Во одредени сцени и дејствија од нивните страници, сум скокнала од место, а срцето вознемирено ми пулсирало како да сум присутна, слеана во приказната, дел од ликот. Како да цела таа сцена ми се случува мене, што не можам да кажам дека тоа чувство ми се повторило со други книги.

Можеби до некаде е неблагодарно да се истакне филмот пред книгата, но што кога и двете се ремек дела?

Што преферираш ти или кој е твојот избор? Да ја прочиташ книгата според која е адаптиран филмот кој си го гледала или да гледаш филм адаптиран според некоја книга?

ЕЛЕНА: Кога ќе наидам на филм направен според некоја книга која веќе сум ја прочитала, веднаш го гледам. Не припаѓам на оние кои сметаат дека филмот им го расипува впечатокот за книгата, само затоа што се скратени поголем дел од дејствијата. Напротив, сакам да го изгледам и сакам да направам споредба за ликовите и сценографијата. Дали се онакви какви сум ги замислувала во процесот на восприемање на содржината. Спротивно, никогаш не читам книга ако веќе сум го гледала филмот. Едноставно, не сакам да го знам крајот на книгата.

Ако ти би напишала книга каква би била таа приказна?

ЕЛЕНА: Дефинитивно мистерија. Исчезнување на некој од ликовите, исчекување, тензија, дејствие кое би предизвикало несигурност кај читателот и вознемиреност. Затоа што тоа се чувства кои ќе те задржат да ја прочиташ книгата до крај без да ја оставиш.

Книгата знае да предизвика. Да ја разгали или разбуди душата. Да не остави неми, да „заузда“ духовна апокалипса, а од друга страна да не прошета низ различни светови, конфузии, моментуми. Импозантноста што може да ја донеси авторот е реткост чиј фидбек го вкусиле само вистинските „гурмани“ кои се хранат од пишаниот збор. После опширната дискусија околу книгите и Светскиот ден на книгата, некако го завршивме разговорот со нашата драга колешка Елена Трајчевска Павловска, дел од мозаикот без кој тимот на СН Осигурителен брокер не би бил сѐ.

Остави коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *