„Успешните луѓе се доживотни ученици со големи соништа!“ – Александра Танатарец, Раководител на Сектор за наплата во СН Осигурителен брокер

„Успехот доаѓа кога постојат дефинирани планови, силна желба и постојана упорност. Бидете посветени на остварување на вашите соништа! Сонувајте големи соништа! Учете, созревајте! Затоа што успешните луѓе се доживотни ученици!“ –Александра Танатарец, раководител на Сектор за наплата во СН Осигурителен брокер.

Низ интензивниот вкус на еспресо и аромите кои не будат и подготвуваат за уште еден работен ден, го запознаваме тимот на СН и ја заокружуваме неделата. Разговараме со Александра Танатарец, раководител на Сектор за наплата. Зборуваме околу филозофијата на градење на успех, нејзиниот кариерен развој и свеста околу прашањето поврзано со нашата дејност, осигурување.

Она што можеме да го кажеме како перцепиенти, колеги и соговорници, за Александра ќе речеме дека е принципиелна, со јасна визија и моќни соништа кои започнуваат од голема амбиција. Во исто време, нашата колешка е голем човек, пријатна, емпатична, со голема насмевка и едно најискрено: „Добро утро!“

Соништа и амбиција или случајност?

Пред да бидеш дел од големото СН семејство, како раководител во сектор за наплата, ќе ни кажеш ли како започна твојата кариера? Ќе не вратиш ли малку на почетоците?

Мојата кариера  е поврзана со мојата личност и сфаќањата за пристапот кон потребите и филозофијата на животот. Со запишување на катедрата „Осигурување“ на факултетот во Охрид, знаев во која насока ќе се одвива мојата кариера. Има неколку клучни моменти и личности во мојот живот кои го одредија она што сум јас денес на професионален план. Од многубројните значајни настани кои придонесоа да созреам на токму тој професионален план, со задоволство го издвојувам денот кога се вработив во Агенцијата за супервизија на осигурување – независно регулаторно тело кое го регулира пазарот на осигурување. Започнав како Соработник во Сектор финансии и овластен сметководител на Агенцијата. Секојдневно се трудев да покажам максимален квалитет и одговорност, а тоа ми отвораше нови врати и можности. Така, отворајќи нови врати, во текот на овие петнаесет години, изодив пат што се нарекува кариера.

Имаш ли можеби некој посебен репер во кој се огледуваш или сметаш дека и најдобрата копија не е подобра од оригиналот?

Како што кажав на почетокот, во мојот професионален развој постојат неколку клучни личности. Тука, особено значајно место има мојот ментор, проф. д-р Климе Попоски, признат и познат експерт во областа на осигурувањето. За да биде успешен, секој треба да ја сака својата професија и да биде подготвен да одговори на предизвиците што таа ќе ги постави пред него. Сето тоа бара голем умствен напор и можно е да се постигне само со огромна мотивација и секако со репер во кој може да се огледуваш.

Колку е развиена свеста околу осигурувањето кај нас во споредба со останатите земји?

Александра Танатарец за свеста околу осигурувањето - СН Осигурителен брокер, сектор наплата

Евидентна е потребата од едукација во областа на сите видови на осигурување, односно потребата од финансиска едукација. Истото, ќе овозможи донесување на здрави финансиски одлуки, а следствено на тоа, да се зголеми и квалитетот на живеење. Сметам дека едукацијата треба да се спроведува уште од формалното средно образование. Само информирана личност може правилно да одлучува какво осигурување му е потребно. Исто така, сметам дека осигурителните компании, треба добро да ја објаснат палетата на осигурителни произвoди што ја нудат. И она најважното, квалитетно испорачаната услуга, го зголемува интересот на осигурениците давајќи им на знање дека тие се во сигурни раце.

Во што веруваш?

Верувам дека постои директна врска помеѓу она што го веруваме и тоа какви личности стануваме. Она во што верувате, станува вашата реалност. Затоа научете како да го контролирате вашиот ум и изградете среќен живот за вас.

Која е Александра откако ќе заврши и овој Петок што заокружува една работна недела?

Колку и да се изморам во текот на работната недела, знам дека викендот ќе се наградам со дополнително уживање. Вообичаено викендите ми се со однапаред и целосно испланирани активности и посветена сум максимално на семејството. Добро испланиран викенд значи добро поминат викенд.

Апетитите за континуирано учење и постојаниот развој на нашиот тим, се еминентна тенденција за зголемување на квалитетот на работата. Тимот е институција во која индивудите заедно ги исполнуваат соништата. Нашиот тим обединува вештини, компетенции, создава средина каде се споделуваат идеи, се развиваат дискусии и одново ја креира успешната приказна наречена СН Осигурителен брокер.

Александра Танатарец – Раководител на Сектор за наплата
ДИРЕКЦИЈА
Улица: ул.Михаил Апостолски Дончо